Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека нема да гласа за интерпелација на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Го знаете ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека не гледаме причина за интерпелација на спикерот Африм Гаши, бидејќи начинот на кој тој се однесува како спикер во Парламентот, како ги води седниците, навистина претставува сериозно различно однесување од тоа што го правеше неговиот претходник. Претпоставувам коалицијата СДСМ-ДУИ-Левица има свои мотиви зошто поднесуваат ваков тип на интерпелација, веројатно Артан Груби, Али Ахмети, Талат Џафери, Бујар Османи, им се подобри политичари од Гаши и затоа нема да поддржиме интерпелацијата“, одговори премиерот Мицкоски.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера рече дека со извршените контроли во Системот за контрола на патници и возила, било утврдено дека носителот на делегацијата Гаши, како и членовите на неговото семејство кои биле најавени дека ќе остварат излез, не се евидентирани во системот за контрола на патници и возила.
Исто така констатирано е дека не е целосно запазена процедурата на евидентирање на сите лица и патници кои поминуваат на граничниот премин во системот за контрола на патници и возила.
Тој рече и дека за утврдените пропусти во работењето од страна на Регионалниот центар за гранични работи Север кон раководителот на смена на граничниот премин ќе бидат преземени соодветни мерки.
Интерпелацијата за Гаши, која ја поднесе Левица, е закажана за 3 септември.