Откако поранешните премиери Зоран Заев и Никола Груевски го демантираа лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека тие тројцата тајно преговарале за измените на Кривичниот законик, денеска во, помалку изненадувачка изјава за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг”, актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека Груевски бил во тајна комуникација со Владата.
-Груевски се наоѓа во тајна комуникација со владата. Владата верува дека може да ја подели нашата партија. Но, тоа нема да успее, рече Мицкоски.
„Фокус“ побара дополнителен коментар од ВМРО-ДПМНЕ за оваа изјава, што значи за партијата тоа што нејзиниот поранешен лидер договора дилови со политичкиот противник и дали досега некои од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле контактирани од Груевски, но од партијата одбија дополнително да коментираат. Кусо одговорија дека немаат што да додадат од тоа што Мицкоски го кажал во интервјуто за германскиот весник.
Инаку, Ахмети во интервју за ТВ 21 изјави дека последните измени на КЗ се крчкале цели 3 години, а во овој процес биле вклучени СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Притоа, спомена дека се одржувале и тајни средби меѓу него, Заев и Груевски. Но, како што нагласува, првиот пат од овие измени отстапил Заев, додека сега се повлекол Христијан Мицкоски.
–Имало десетици средби во Клубот на пратеници за измена на КЗ и да се усогласи со европските стандарди. Во тие средби имало работни групи. Средбите се остварени на многу таен начин помеѓу Зоран Заев, Никола Груевски и мене. Сме разговарале со часови и со денови. Дојдовме до моментот каде се согласивме сите и на крај се повлече ВМРО, тврди Ахмети.
К.С.Б.