Од ВМРО-ДПМНЕ ги сметаат за уцена најавите од раководството на СДСМ дека ако нема предвремени избори до крајот на јуни, тогаш би требало да се размисли за избори во редовниот рок, до почетокот на декември, што, според владејачката партија, би значело и враќање на политичката влада.
–Ставот на ВМРО-ДПМНЕ по тоа прашање е доволно јасен. СДСМ си играат, тргуваат и лицитираат со човечките животи. Подготвени се да газат и по човечки трупови, како и да обесхрабрат многумина да гласаат против нив и со тоа да се обидат да ја намалат разликата која што моментов е огромна. Сега веќе не им е важно за здравјето на граѓаните и вториот бран кој го говореа претходно и тоа е уште едно лицемерие и еве ги лицемерието и лагите, односно вистинското лице на СДСМ на дело. Ова е СДСМ. Лицемерно и воопшто да не се грижи за здравјето на граѓаните.
СДСМ се однесува несериозно и неодговорно. До вчера брифираа дека доцна есен ќе имало нов бран со Корона, сега велат ако нема избори во јуни тие ќе биле во декември. Со ова СДСМ и Зоран Заев уште еднаш докажуваат дека се коцкаат со судбината на граѓаните и ја уценуваат целата држава само и само за да го ублажат поразот.
Ваквиот нивен ултиматум е најголем доказ дека на Зоран Заев и СДСМ воопшто не им е важно здравјето на граѓаните, туку единствени политичките игри кои на Заев може да му донесат помал пораз. Такви ултиматуми ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа и Зоран Заев не е ниту во состојба, ниту пак е фактор во моментов да уценува некого или да диктира услови. Зоран Заев е давеник фатен за сламка и уште еднаш нека му биде јасно Зоран Заев е завршена приказна, рече Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.