Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува блокада на Собранието од 10 мај освен за закони кои значат повисоки плати и помош за граѓаните.И БЕСА предводена од Билал Касами најавува опозициска блокада за да издејствуваат предвремени парламентарни избори.
Власта реагира дека не е време за блокади, оти земјата е во криза и ѝ треба функционално собрание. И досега имало блокади на Собранието кои завршиле со преговори или со избори.
И министерот за надворешни работи Бујар Османи од ДУИ, коалициониот партнер во власта, вели дека блокирањето на Парламентот во услови на криза е енергија на деструкција.
Од ВМРО-ДПМНЕ на прашањата на „Фокус“ не прецизираат дали оваа блокада ќе се однесува и на ребалансот на буџетот најавен за месецов планиран порано од вообичаеното, не упатуваат на изјавата на лидерот.
Државната каса ќе се прекројува за да се обезбедат средства за покривање на дупките, но и за поддршка на граѓаните и стопанството.
Мицкоски побара предвремени избори
-Се планира активна блокада на сè, со исклучок на оние закони кои значат повисоки плати или некаква помош за граѓаните, рече лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
Тој рече дека ќе ѝ предложи на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да блокира сè останато во Парламентот преку филибастеринг, односно преку амандмани или преку активно говорење и на комисиските и на парламентарните седници.
Владејачката СДСМ реагира дека Мицкоски одлучил „по деструкција и пакост да го надмине и неговиот шеф Груевски“.
-Со најавите за уште поголеми блокади, Мицкоски не го блокира СДСМ, не ја блокира Владата. Мицкоски не му носи штета на СДСМ ниту на Владата. Со ваквите недржавнички постапки Мицкоски носи штета единствено на граѓаните, рече на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Мицкоски пред неколку дена упати повик до премиерот Димитар Ковачевски за лидерска средба на која ќе утврдат датум за предвремени парламентарни избори, а во спротивно се закани со „сериозни и досега непреземени чекори“. Ковачевски одговори дека не прифаќа уцени и оти во услови кога се соочуваме со најголемата криза од Втората светска војна не се потребни избори, туку одговорно делување на сите партии, заедно со функционално Собрание.
Уцени не прифаќам, напиша Ковачевски и одби средба со Мицкоски за предвремени избори
Муслиу вели дека премиерот и лидерот на опозицијата треба да имаат почеста комуникација и почести средби, но поканите за средба да не бидат условувани.
Буџетот е неопходен за функционирање на државата
Колку конкретно и на кои се позиции ќе се крати односно ќе се зголемува, засега е неизвесно. Но извесно е дека дефицитот ќе се продлабочи, што ќе влијае на зголемување на јавниот долг на 64% од Бруто домашниот производ што е историски највисоко ниво.
-Новата нормала е да научиме да живееме во криза, односно покрај долгорочните мерки, мора да имаме и бафери кои ќе реагираат и на краток рок. Во конкретниот случај, зборуваме за јавен долг од 60 проценти кој оваа година ќе достигне 63,5 проценти, а потоа постепено да се намалува и во 2026 да биде под 60 проценти. Тоа е неизбежно, за да можеме со овие политики да реагираме соодветно навремено и со соодветен обем. Тоа е исто како со антибиотикот, ако не го дадеш на време и во точна количина, или ако не се доволни дозите, тоа ќе создаде пореметување на организмот. И тоа е за нас предизвик, изјави минатата недела Бесими.
Ребалансот се крои среде сериoзна економска криза која дополнително е под притисок на серија штрајкови за повисоки плати. Најкритично е во образованието, каде синдикатот бара 18% зголемување на платите, што засега е тешко изводливо. Од Владата не коментираат ништо поконкретно. Експертите предупредуваат дека пресметките и потезите треба да се прават многу внимателно за да се обезбеди стабилност но и потенцијал за развој на економијата:
Колку и да изнесува дефицитот, јасно е дека 2022 ќе биде уште поскапа од првичниот план за годишни расходи од 4,4 милијарди евра. Толкава е проекцијата во буџетот кој беше изгласан на крајот на минатата година, во кој беа планирани и досега рекордни близу 600 милиони евра за капитални инвестиции. Според најавите, ребалансот на буџетот за 2022 година пред пратениците би се нашол во текот на мај, или најдоцна на почетокот на јуни.
Соња Танеска