Претседателот на собраниската Комисија за политички систем Александар Кирацовски го одложи почетокот на седницата на која на дневен ред е Законот за поништување на лустрацијата на барање на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ предложениот текст пред нив да го образложи министерката за правда Рената Дескоска.
Кирацоски даде пауза од 30 минути, за да ја контактира министерката иако на седницата беше присутен заменик министерот за правда.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ побара министерката за правда да дојде на седницата и да го образложи Законот со кој се овозможува поништување на лустрацијата и давање можност за нивно обештетување.
Според Милошоски, со овој закон на кодошите кои напредувале во кариерата врз таа основа им се овозможува дури и обештетување. Предложениот закон е во спротивност со Резолуцијата на Советот на Европа од 1996 година со која се препорачува сите држави каде што имало поранешни комунистички режими да воведат лустрација.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ ја отвори дилемата дали во државата е поважно да се поништи лустрацијата на кодошите или да се донесе системски закон за жртвите на државните кодоши.
Пратениците од опозициската партија на седницата реагираа дека министерката Дескоска речиси и да не дошла на седници на оваа Комисија да образложи законски предлози.
ВМРО – ДПМНЕ не го поддржува Законот за поништување на лустрацијата и најави дека ќе ги искорсти сите законски средства против овој предлог закон. Ова претпалднево на прес-конференција го соопшти пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски
– Со СДСМ Македонија стана единствена држава во Европа во која нема лустрација на кодошите на комунистичкиот режим, кои цели кариери изградија врз база кодошење на македонските патриоти, но и недолжни граѓани. Македонија е единствена држава во Европа, во која кодошите на комунистичкиот режим кои местеа луѓе и уништуваа човечки судбини, наместо осуда, за тоа ќе добијат и пари од државата. СДСМ им овозможува на десетици кодоши кои зацрнија цели семејства, сега да добијат пари од буџетот, кој го полнат децата на некогашните нивни жртви, рече Илиоски.
Во Собранието денеска почнува комисиската расправа за законот за поништување на лустрацијата којшто го предложи владата на СДСМ, непосредно пред изборот на техничката Влада.