Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не смета дека е потребна смена на собранискиот спикер, одговорноста е лоцирана, институциите како никогаш до сега преземаа итни и неодложни мерки. Сега има кривични пријави, а во минатото ваквите случаи беа ставани под тепих, велат од ВМРО-ДПМНЕ откако СДСМ побара смена на собранискиот спикер Африм Гаши по инцидентот на скопскиот аеродром, а Левица поднесе интерпелација.
-Да потсетиме имаше времиња кога пајаци од градски паркинг удираа полициски работници и никој со прст не мрдаше и десетици случаи од ваков тип на непостапување и безредие во владата на ДУИ и СДС.
Ние докажавме дека држава има и дека законите мора да важат за секого. Обидите на СДС, ДУИ и Левица да ќарат политички поени на оваа тема не не изненадуваат и очекуваме вакви и слични обиди за девијантно однесување од нивна страна и во иднина.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изнесе јасна порака дека никој не е над законот. ВМРО-ДПМНЕ осудува и ќе осудува секогаш било какви дејствија надвор од законот и кои го нарушуваат редот, допрва ќе се уверуваат сите дека законите ќе важат подеднакво за сите, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.