ВМРО-ДПМНЕ: На „Вајмарската тројка“ им кажавме дека не прифаќаме уставни измени под диктат од соседството

by Fokus
Делегација на ВМРО-ДПМНЕ и парламентарните партии од Коалицијата за обнова на Македонија, денес оствари средба со висока делегација предводена од министрите за Европа на Сојузна Република Германија, Република Франција и Република Полска, Соопшти опозициската партија. 
 
„На средбата беше дискутирана актуелната општествено-политичка состојба во Македонија, особено во врска со пристапувањето на Македонија кон Европската унија во овие предизвикувачки времиња“, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ. 
 
Од опозициската партија велат дека нивни претставници на средбата го истакнале недвојбениот став дека се залагаат за членство на Македонија во Европската Унија со силно зачуван и зајакнат идентитет, јазик, култура и вредности.
 
„Подвлекоа дека остануваат на ставот дека уставни промени во околности на политички диктат од соседството не се прифатливи. Улогата на соседите треба да биде улога на поддршка на нашите европски интеграции, а не негирање на македонскиот национален идентитет“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ. 
 
Европските министри, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ ги информирале дека опозицијата воопшто не била вклучена во преговорите кои резултираа со ултиматуми и барања кои отстапуваат од европските вредности и принципи.
„Оттука, за да се заштити процесот на пристапување од билатерализација, односите мора да се базираат на Копенхагеншките критериуми со взаемна почит, поддршка и соработка. Гостите беа информирани и за високото ниво на корупција во државата, за криминалот но високите ешалони во владата на СДС и ДУИ, како и за катострофалните политики во секој сектор во државата„, соопшти ВМРО-ДПМНЕ. 

Поврзани новости