Откако опозицискиот СДСМ денеска ја објави 23-тата бомба во општина Центар, со реакција излегоа од владејачката партија. Од таму тврдат дека ниту шамар некому од опозицијата му бил удрен, ниту некој во ендек завршил, исто како што ниту некоја фирма била затворена поради политички мотиви.
– СДСМ со секоја нова прес конференција го покажува очајот и немоќта во која е заглавена. Жално е и поразително што главниот адут на СДСМ, не се програма, идеи и проекти, туку сечени, монтирани, прилепувани и вадени од контекст материјали – се наведува во реакцијата на владејачката партија.
Според нив, СДСМ вадела разговори кои се однесувале на сосема други ситуации и околности, ги монтирала и прилепувала, и потоа ги прикажувала во одреден контекст.
– Ниту шамар некому од опозицијата му бил удрен, ниту некој во ендек завршил, исто како што ниту некоја фирма била затворена поради политички мотиви или пак на било кого од опозицијата му е наштетено. Затоа СДСМ не сака да говори за реалноста, туку за измислени и креирани разговори. Реалноста за нив е поразителна. Нема да набројуваме на територија на целата држава, туку само во општина Центар, плодот на работата на СДСМ во општина Центар е: изградба на дивоградби како Тифани Кинески ѕид, Лумикс, запустен плоштад кој наликуваше на периферен град од некоја афричка земја, раскопани булевари и улици – се вели во реакцијата на владејачката партија.