Во првите 100 дена градоначалникот на Берово постигна многу. Избрка од работа 20-тина лица, а на местото на бремена наставничка ја вработи сопругата, реагираат од беровската организација на ВМРО-ДПМНЕ.
„Освен ова, под притисок на градоначалникот Звонко Пекевски, извршена е корекција на распоредот на предметните наставници, при што неговата сопруга доби часови само во Берово. Останатите патуваат и по 15 километри“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ Берово и додава дека од работа е избркана штотуку породена наставничка.
Градоначалникот Звонко Пекевски испрати реакција демантирајќи ги наводите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ниту еден не е избркан од работа, туку на сите им престанаа договорите за работа и на нивните места се вработени други лица. Мојата сопруга е професор по математика и физика и работи на едно од тие места кое се ослободи откако им поминаа договорите. Но, точно е и дека годините наназад токму затоа што е СДСМ и е моја сопруга патуваше секој ден на релација Берово- Струмица“, реагираше Пекевски.