Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, денеска изјави дека партиските органи ќе одлучуваат за импичмент на претседателот Стево Пендаровски.
– Се разгледуваат сите можности и ќе бидат разгледани сите опции на телата и органите во партијата и ќе бидат издискутирани. Ние одамна кажавме дека Пендаровски е соучесник на мафијата на Заев, којашто за жал функционира во оваа држава Република Македонија и многу подобро и од најдобрите времиња кога функционирала најголемата мафија во светот „Коза ностра” – изјави Арсовски.
Пратеничката Дафина Стојаноска ја наметна, а ВМРО-ДПМНЕ ја прифати опцијата да поведе постапка за импичмент против претседателот Стево Пендаровски, откако остана да виси во воздух прашањето дали неговите одлуки за прогласување вонредна состојба ќе бидат потврдени во новиот парламент.
Иако и Уставниот суд ги прогласи за беспредметни иницијативите за оценување на уставноста на вонредната состојба, Стојаноска, во вчерашното гостување на ТВ 24 не отфрли можност за покренување постапка за отповикување на претседателот на државата, одговарајќи на прашање што би презела опозицијата ако неговите одлуки не бидат потврдени во парламентот.