Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска оддржа седница на која беше заклучено дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија освоиле најголем број на гласовите од граѓаните и императив е да се почитува волјата на мнозинството кое гласало за програмата РЕАЛНО и проектите предвидени во неа, соопштија од партијата.
– Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ даде полн легитимитет на претседателот Груевски за отпочнување разговори за состав на новата Влада кои треба да се водат на принципиелни основи, запазувајќи ги државните интереси. Во анализата на изборните резултати, беше заклучено дека граѓаните на овие избори го поразија СДСМ и испратија јасна порака дека не прифаќаат политика на деструкција и партија чие раководство функционира според мафијашки принципи. Беше посочено дека е потребна политичка стабилизација за продолжување на економскиот напредок, за што е неопходно составување на влада која ќе биде фокусирана кон исполнување на реалните потреби и барања на граѓаните – соопшти ВМРО-ДПМНЕ.