Реакциите и активностите на Комисијата за заштита од заразни болести и Венко Филипче се задоцнети и непромислени, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Власта предлага мерки кои што ВМРО-ДПМНЕ посочи дека треба да бидат направени уште во март, кога почна пандемијата. Тогаш власта немаше слух и сега ги гледаме последиците од тој нивен игнорантски однос. Филипче тврдеше дека во текот на целата пандемија ќе заболат 2000 луѓе, сега тој број на луѓе заболува за само една недела. И кога виде дека се што презема не вродува со плод, почна да спроведува тоа што ВМРО-ДПМНЕ кажа, но со задоцнување од 7 месеци. Ротацијата на кадар на инфективните одделенија од сите здравствени установи е мерка која што требаше да биде направена уште во март, дополнително на располагање на јавното здравство треба да се стават сите млади лекари и пензионери, исто така власта требаше да го искористи летниот период за зголемување на болничките капацитети. Но ништо од тоа не е направено. Есенскиот бран на Ковид не е снег во мај па да се изненади Филипче. Иако сме длабоко навлезени во есента нема вакцини против сезонски грип, не се проширени болничките капацитети, ниту пак има план и стратегија како да се бори против вирусот од кој секој ден се заразуваат неколку стотици наши сограѓани. Целиот хаос по болниците и стравот кај граѓаните е предизвикан од неспособноста и надмениот однос на Комисијата за заштита од заразни болести и Венко Филипче. Токму затоа Филипче треба да си даде оставка, и да се формира нова специјална комисија, се друго е манипулација со граѓаните и работење на нивна штета, велат од ВМРО-ДПМНЕ.