ВМРО-ДПМНЕ: Маричиќ протестираше за реформирано судство, а негов родител стана виш обвинител

by Фокус

Владата во најава е се освен реформска, ниту има нови лица, ниту тие лица се чесни, ниту пак се компетентни во секторите кои сега им се зададени, изјави на прес-конференција Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Бојан Маричиќ, од советник на Заев и главен промотор на штетниот Преспански договор, сега се предлага за министер за правда. Министерот во најава е познат по тоа дека ја лажеше јавноста дека референдумот за името бил успешен, но и по неговата изјава дека „Гоце Делчев, кој бил и бугарски херој, не треба да не разделува со Бугарија“. Бојан Маричиќ, како дел од Шарената револуција протестираше за реформирано судство. Во исто време неговиот родител беше дел од Републичкиот совет на обвинители за потоа да стане Виш јавен обвинител. Против чив непотизам ќе се бори министерот во најава, за какви спреги и кочници помеѓу извршната и судската власт зборуваме? – праша Андоновски.

Воедно, тој праша зошто Рената Десковска заминува од извршната власт?

-Дали е тоа заради тоталниот неуспех да се реформира судството, застарувањето на предмети, очигледните политизирани судски одлуки, политичкиот реваншизам против неистомислениците, договорените казни од стотици години за уставобранителите? Или заради трите амнестии на криминалци од претходниот состав на Собранието?, истакна тој. Заев, кој своевремено сакаше да ги предводи судските реформи, сега тоа му го препушта на уште еден од низата „лажни експерти“ по сите прашања. Навистина е чудно како може еден ист човек да е експерт и за невладин сектор, и за евроинтеграции и надворешни работи, и за правда – рече претставникот на ДПМНЕ.

Поврзани новости