Владата за годинава потврди над 270 проекти кои ќе се реализираат во општините низ цела држава и за истите ќе се вложат над четири милијарди денари, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Финасиските средства кои Владата ќе ги додели кон општините ќе послужат за нивна економска трансформација, развој и подобрување на инфраструктурата, реализација на крупни капитални инвестиции.
Целта на проектот за доделување на финансиски средства на општините е за истите да се развиваат економски и инфрастуктурано, со што ќе се подобри квалитетот на животот на сите граѓани во секое населено место и граѓаните да газат по асфалтирани улици и патишта.
И сето ова се прави затоа што Владата се бори за секој милиметар квадратен на целата територија на државата, затоа што и е важно секое парче земја и секој еден граѓанин. И за да продолжи економската трансформацијата на Македонија, проектот за доделување средства на општините за реализација на крупни капитални и инфраструктурни проекти, ќе трае следните четири години.
Целта која треба да ја постигне овој проект е да нема општина во Македонија која ќе има кал по улиците, неасфалтирани патишта или проблеми со канализација и водовод. Македонија се менува, ова е само почеток. Почнува процес во кој ќе се развива секоја една педа на државата, каде секој граѓанин ќе има пристојни и достоинствени услови за живот“ велат од владејачката партија.