Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, денеска одржа пресконференција на која рече дека денес на сите им е јасно зошто Македонија живее во долга политичка криза и дека СДСМ е партијата која продуцира и создава несигурност и конфликти кај граѓаните.
-Требаше да помине доволно време за целокупната македонска јавност, вклучително и најсилните поддржувачи на опозицијата, да ја видат, но и да ја разберат антидржавната и антинационалната политика која повеќе години наназад ја спроведува раководството на СДСМ, а е на штета на Македонија и на нејзините граѓани, рече Димовски.
Според него, СДСМ биле фатени како фалсификуваат, како фабрикуваат, како подметнуваат, како лажат, како монтираат, како уценуваат, како тргуваат со криминалци.
-СДСМ има за цел на недемократски и антидржавен начин да се врати на власт без поддршка од граѓаните. Блокираа буџет, пензии, земјоделски субвенции, социјална помош. Организираа обиди за насилно превземање на државните институции, на Собранието и на Владата. Тепаа полицајци. Го кинеа македонското знаме. Повикуваа на насилство и меѓуграѓански пресметки. Физички нападнаа Претседател на Собрание и повеќе пратеници, рече Димовски.