Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција обвини дека претходната Влада работела со голем број на нерегуларности, сомнежи за криминал и надвор од законот – конкретно во министерството каде прв човек бил Љупчо Николовски.
Петрушевски вели дека согласно извештајот на Државната ревизија за 2021 година кој бил изготвен минатата година, се нотира дека МЗШВ не воспоставило евиденција на набавените и издадените контролни марки за ставање во промет на брашното, ниту пак контроли во тој процес.
-Ревизорот констатирал дека за 2021 година МЗШВ набавило контролни марки во вкупна вредност од 3 милиона 305 илјади денари, а издало контролни марки во вредност од 2 милиона 242 илјади денари. Разликата во вредност која се јавува, и не е евидентирана во МЗШВ дали се работи за издадени контролни марки без да се наплатат изнесува 1 милион 63 илјади денари, односно тоа се 5 милиони 315 илјади контролни марки – рече Петрушевски.
Пратеникот вели дека постои основан сомнеж дека Љупчо Николовски и владата на СДСМ и ДУИ дозволиле во промет да циркулира брашно кое имало контролни марки кои не биле уредно платени во МЗШВ, а воедно прашуваат дали Николовски дозволил пуштање на промет на брашно во вредност од над 2 милион евра без да има уредно наплатени контролни марки.
-Кому му дал Љупчо Дон Николовски контролни марки за увоз на брашно без истите да ги платат? Што презело ЈО по однос на ова прашање и зошто повеќе од година дена се молчи? – праша тој.