ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ВМРО-НП со најава за амандмани за предлог-законите за изградба на коридорите 8 и 10-д

by Fokus

Пратениците од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица денеска најавија дека ќе поднесат амандмани во врска со предложените законски измени кои се однесуваат на изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д.

Ели Панова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ рече дека пратеници од оваа пратеничка група веќе поднеле два до три амандмани за предложените измени од Законот за работни односи.

„Тимовите на ВМРО-ДПМНЕ во консултации со стручни лица ги разгледаа предложените законски измени и покрај краткиот рок и затоа реков дека ние пристапуваме кон носење, поднесување суштински амандмани со коишто би ги подобриле вака предложените закони, бидејќи дали сме за градење на капитални инвестиции, но законите што се носат во Собранието во никој случај не смеат да бидат во спротивност на Уставот“ – рече таа

И пратеникот од Левица, Борислав Крмов, најави дека оваа партија ќе поднесе амандмани по однос на предлог-законите поврзани изградбата на коридорите 8 и 10-д. Не ја откри бројката на амандмани кои ќе бидат поднесени.

„По наши информации, ќе се обидат да ни ги узурпираат амандманите и да ја туркаат говорницата на сила, може ќе пробаат да ни одземат збор, иако деловнички не смеат. Јас моето уставно право како пратеник ќе го бранам макар и физички. Левица со два пратеника и со ограничени ресурси може олку. ВМРО-ДПМНЕ има 44 пратеника. Ако ВМРО-ДПМНЕ реши да не помине, нема да помине“ – рече Крмов.

Претходно и од ВМРО народна партија, најавија дека ќе поднесат амандмани на сите предлог-закони поврзани со изградбата на коридорите заради заштита на јавниот интерес, обезбедување на еднакви законски одредби и еднакви услови за изведувачите на големите градежни работи, почитување на правата на работниците кои ќе работат на проектите и заштита на животната средина.

Поврзани новости