Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска повтори дека нема да учествуваат во работната група за уставните измени.
-И врвни правни експерти го коментираат тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандамни, се драфтираат, итн… Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот. Еве уште еднаш јавно го кажувам ставот, и повеќе нема да се занимавам со тоа прашање, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работатата на Комисијата која ја формира Министерството за правда а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени, рече Мицкоски.
Претходно и од Демократскиот сојуз соопштија дека нема да учествуваат во работната група за измени во Уставот, а оваа група ќе ја бојкториаат и Левица и Алтернатива.
-Партијата Левица одлучно и со индигнација ја одбива поканата за учество во т.н. работните групи за најавената повторна насилна промена на Уставот! Ултиматумот на бугарските служби и агендата на Софиската платформа која ја поткрепува пробугарската власт на ДУИ и СДС, не ја прифаќаме и истата мора да биде остро одбиена од сите релевантни политички чинители на кои државните интереси им се од највисок приоритет, стои во соопштението на партијата.
-За нас не може да има работни групи за составување или подготовка на уставните измени без да има претходно политички консензус помеѓу политичките партии за поддршка на тие измени, преку кои треба да се отвори патот за интеграција на земјата во Европската унија, рекоа од Алтернатива.
Демократскиот сојуз утрово прва соопшти дека нема да учествува во работната група барајќи прво да бидат признаени Македонците во Бугарија.
Рокот што Министерството за правда го постави во дописот до институциите и политичките партии да номинириаат претставници во работната група за измени на Уставот истекува во понеделник.