Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ заедно со останатите опозициски партии, Алијанса и Алтернатива, како и Левица, денеска до Собранието поднесоа Предлог – закон за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, што предлагаат да се носи во редовна постапка.
Како што се наведува во соопштението од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пред неколку дена, овој ист Предлог – закон со којшто се предвидува формирање посебна Комисија за заштита и и справување со пандемија или епидемија тие го поднеле до Собранието во скратена постапка, но владејачкото мнозинство и нејзините пратеници ја одбиле потребата од негово брзо носење.
-Со Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, бараме формирање на посебна Комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија, која ќе биде формирана од страна на Собранието на Република Македонија и ќе треба да допринесе за ставање под контрола на ситуацијата со Ковид-19 која што очигледно од ден на ден се повеќе се влошува, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Составот на Комисијата, како што веќе беше објавено, тие предлаат да го каже Владата, а да го избира Собранието, како и тоа да биде составена од 11 члена, во која по функција ќе членуваат, министерот за здравство и директорот на Центарот за управување со кризи, а останатите девет членови би биле, тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози, еден имунолог и еден интернист.
-Овој Предлог – закон предвидува донесените препораки од страна на Комисијата да бидат јавни и да се доставуваат до Владата, која што потоа ќе има обврска и ќе мора задолжително да постапува по истите. Целта на овој закон е да се формира Комисија која што ќе биде составена од професионалци, докажани во своите области и кои што со своето објективно и стручно работење и носење на одлуки, ќе допринесат за решавање и нормализирање на тешката состојба во која што се наоѓа Република Македонија предизвикана од Ковид-19 кризата, но и од катастрофалната здравствена политика која ја води оваа влада предводена од СДСМ, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничката група апелира до пратениците од владејачкото мнозинство, да го поддржат ова предлог-законско решение и конечно, како што посочуваат „наместо партискиот интерес, во преден план да го стават интересот, безбедноста и здравјето на сите граѓани во Република Македонија“.