ВМРО-ДПМНЕ ќе ги продолжи протестите пред Министерството за надворешни работи, иако шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска е во Брисел, како дел од македонската делегација на Самитот на НАТО. Делегацијата ја предводи премиерот Зоран Заев – на првиот Самит на кој С Македонија учествува како полноправна членка на Алијансата.
Протестот ќе почне во 17 часот, откако Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на седница што се одржа викендов во Битола, одлучи да продолжи со изразувањето револт пред МНР, поради, како што посочуваат од партијата, спречување на националниот срам што ѝ се подготвува на земјата.
Од партијата велат дека протестите продолжуваат затоа што Заев и Османи кријат за што се преговара со Бугарија и што се се подготвени да прифатат од бугарската декларација.
ВМРО-ДПМНЕ го повикува министерот за надворешни работи Бујар Османи да го покаже на македонската јавност документот за кој се преговара со Бугарија.
Министерот Османи, пак, најави дека во среда би присуствувал и реферирал на седница на собраниската Комисија за надворешна политика, откако претседателот на ова тело, Антонио Милошоски, му упати јавна покана да се обрати пред пратениците, во врска наводите на опозицијата за тајни преговори со Софија.
Минатата недела, се до петокот, ВМРО-ДПМНЕ организираше блокади на три раскрсници во центарот на Скопје и во други градови во земјата, во периодот од 15 до 17 часот, по што беше одлучено протестите да се преселат пред зградата на МНР.