Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе привлече големи светски компании во Македонија, данок на добивка од 8% за профит од 20 до 30 милиони, 6% за профит од 30 до 50 милиони и 5% за профит над 50 милиони, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ има за цел да ја подигне Македонија од калта во која СДС и ДУИ ја втурнаа. Македонија ќе биде стабилна економија со предвидливост во даночната политика и ниски даноци за компаниите што заработуваат повеќе.
Според новата даночна политика за деклариран профит до 20 милиони евра данокот ќе остане ист, 10%, ако е реинвестиран, тој останува 0%. Секоја компанија без разлика дали е домашна или странска ако пријави профит од 20 до 30 милиони евра, данокот ќе биде 8%, од 30 до 50 милиони евра ќе биде 6%, а над 50 милиони евра данокот ќе биде 5%“ посочуваат од партијата.
Со оваа политика, како што велат, компаниите ќе се мотивираат што повеќе да работат, но и ќе се демотивира во целост сивата економија. Државата ќе понуди предвидливост и сигурност, како за домашните, така и за странските инвеститори.
„Ќе ја профилираме Македонија како држава со најнизок данок на добивка“ порачаа од опозициската партија.