Европската иднина на Македонија е заглавена и закочена. Незнаењето и неодговорноста на Владата создаде нов спор и проблем во последните 3 години, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Од ден на ден овој спор се продлабочува и станува се поголем. Нашата Влада секојдневно тргува со нови идентитетски обележја, историски периоди, македонски херои, македонскиот јазик.
Секој ден нови изјави, секој ден новa непозната, нови преговори и секој ден она што е најболно за македонскиот народ нови отстапки.
Оваа Влада во решавањето на спорот со Грција не сакаше да има наш, македонски државен и национален консензус. Сама без никого, без опозицијата, без другите општествени фактори донесе решенија. А тие, до ден денес и секој ден повеќе се потсетник како не треба да се постапува и како треба да се учи од грешките кои скапо не чинат сите нас. До сега оваа Влада требаше да научи дека е потребен национален и државен консензус за националните и државни прашања.
Како дојде до спорот со Бугарија? Главната причина е домат пазарџиската дипломатија на Зоран Заев и Никола Димитров. Сето ова е последица на непознавањето на државните односи на Балканот и неразбирањето на последиците од секоја една постапка.
Кога овој човек е соочен со проблем, тој е подготвен да ја плати најскапата цена ама на туѓа сметка, на сметка на државата, за да го сочува својот личен интерес, кој што значи власт и привилегии.
Бугарските позиции ги знаеме. Нивните црвени линии се содржани во бугарската декларација, и во ставовите соопштувани од Претседателот и Владата на соседна Бугарија. Сите зборуваат за едни позиции.
Но кои се позициите и црвените линии на Македонија? За жал тие граници не се дефинирани. И немаме една позиција. Затоа ВМРО-ДПМНЕ вели неопходен е национален и општествен консензус. Знаеме што е она за што не смееме да отстапиме, што е тоа за што Владата не смее да преговара, и она за што не смее да се прави компромис.
Конечно е време оваа Влада да разбере дека државата е на сите граѓани, и сите мораат да знаат за државните решенија. Македонија е на сите луѓе и ние мора да се бориме за тој концепт.
ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи до македонското собрание Резолуција во која ќе се дефинирани македонските позиции во преговорите со нашиот источен сосед. Оваа резолуција би имала обврзувачко дејство согласно волјата на народните избраници, а врз Владата би значело оцртување во кои рамки смее таа да разговара, но со почитување на црвените линии во кои се содржани националните и државните интереси“, истакна Мицкоски.