Потпишувањето и праќањето на законот за двојазичност во Службен весник од страна на господинот Талат Џафери, без потпис на претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов е незаконски и насилнички обид да се протуркаат решенија кои ќе остават далекусежни последици по државата, изјави денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Како што рече тој, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието, Талат Џафери и против директорот на Службен весник, но и против сите, како што рече, за кои ќе биде утврдена одговорност дека го прекршиле законот со објавување на законот за двојазичност без потпис на претседателот на државата.
-Незаконското објавување на законите е злоупотреба на службена должност и е казниво согласно член 353 од Кривичниот закон на Република Македонија. Ова дело не застарува за година или две за да може сторителот да биде амнестиран од Кацарска судството на Зоран Заев. Со оглед на тежината на делото и огромните штети за Република Македонија кои би ги предизвикало незаконското објавување во Службен весник, ставот 5 од членот 353 предвидува затворска казна од најмалку 5 години. Дополнително ќе поднесеме иницијатива за испитување на уставноста на законот за двојазичност до Уставниот суд – изјави Јанушев.