Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието Талат Џафери поради, како што се наведува во нивното соопштение, „свесно кршење на Уставот и законите“.
ВМРО-ДПМНЕ го највува овој чекор откако пред два дена претседателот на Собранието Џафери пред Комитетот за надворешна политика на ЕП се обрати на албански јазик.
На денешната прес конференција во Собранието, професорката и пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, остро го критикуваше однесувањето на претседателот на Собранието и рече дека со тоа Џафери го прекршил Уставот преку своја лична интерпретација на одредбите на јазикот, како и дека за истото треба да одговара. Таа ја повика и претседателката на Уставниот суд да постапи по иницијативите за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците.
-Претседателот на Собранието Талат Џафери го промовираше на меѓународен план јазичниот федерализам имено тој зборуваше на албански јазик, би сакала да упатам на уставното решение, односно на амандманот 5 од Уставот, Член 1 во кое јасно се вели дека на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, вели пратеничката Силјановска Давкова.
Интерпелација за Џафери денеска најави Левица, а поддршка доби и од ВМРО-ДПМНЕ.