ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи иницијативата на Левица за референдум, рече денеска партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Одговорајќи на новинарски прашања по посетата на општина Штип заедно со градоначалникот Иван Јорданов, Мицкоски уште еднаш повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи било каква промена Уставот.
-Дадовме една иницијатива, знаете на каков начин беше одбиена од страна на Талат Џафери. Секоја иницијатива која е во насока на тоа што го бараме, ќе ја поддржиме, независно од која група граѓани доаѓа, дали таа група ќе ја формира политичка партија или не, ако темата се однесува на тоа што ние го бараме, рече Мицкоски.
Според него, ако се влезе во вртлогот на иницијативи, тогаш ќе се испушти суштината.
-Суштината е како да го спречиме асимилаторскиот договор да нанесе штета на идентитетот на македонскиот народ и вратата на која се отвара можноста за асимилација е токму промената на Уставот. Партеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи било каква промена на Уставот, тоа треба да сте сигурни и сега кога е во опозиција, но и наскоро кога ќе ја формира идната Влада. Следната Влада на ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да седне повторно на маса со Владата во Софија и да ги репреговара овие околности кои цениме дека се асимилаторски и се кочница за патот на Македонија кон полноправно членство во ЕУ, а не помагаат, да постигнеме вистински добрососедски договор кој навистина ќе ги подобри односите кои сега се на катастрофално ниско ниво меѓу двата народа и двете држави, истакна Мицкоски