ВМРО -ДПМНЕ ќе го поддржи Максим Димитриевски

by fokus

ВМРО ДПМНЕ ќе го поддржи актуелниот градоначалник и независен кандидат за Куманово, Максим Димитриевски во вториот круг на изборите, откако нивниот кандидат, Тони Михајловски не обезбеди доволна поддршка. Одлуката е донесена на седница на Извршниот комитет на партијата во Охрид на којшто е одлучено партијата во вториот круг од локалните избори, онаму каде што нема свој кандидат да ги поддржи оние кандидати кои се борат против власта.

-ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмира поддршката за кандидатите за градоначалници од Алијанса за Албанците и Алтернатива. Во местата каде немаме свои кандидати во вториот круг, природно ќе ги поддржи кандидатите кои се опозиција на власта и кои се борат против оваа власт која е корумпирана и криминална. Ние нема да кажуваме во тие места дека гласовите ги имаме во џеб или се наша сопственост и нема да ги третираме граѓаните како да ги имаме кај себе, како што тоа го прави СДСМ, но воедно повикуваме слободоумно и отворено да излезат и да ги поддржат кандидатите на тие места кои искрено се борат против власта, изјави потпретседателот на партијата, Александар Николоски.

На новинарско прашање дали тоа значи дека и Максим Димитриевски во Куманово ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Николоски одговори дека тоа е случај и со Куманово.

-Мислам дека бев многу јасен, секаде каде има кандидати кои се борат против власта, така е и во Куманово, поддршката на ВМРО-ДПМНЕ оди за тие кандидати, рече Николоски.

Противкандидат на Димитриевски во Куманово е неговиот поранешен сопартиец, кандидатот на СДСМ, Оливер Илиевски.

Поврзани новости