ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за промената на Уставот!

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски бргу ќе пресметаат дека со оваа симболична промена на Уставот, која Радев ја издигна на ниво на "голема победа за Бугарија", не само што ништо не губат, туку пред своите партнери од ЕПИ ќе покажат дека се демократска партија

by fokus 22:04
22:04

Ѓорѓи СПАСОВ

И во ВМРО-ДПМНЕ има умни луѓе. Ним им е јасно дека внесувањето на малата етничка заедница на Бугарите во Уставот треба да се направи  дури и тоа да не е обврска што произлегува од преговарачката рамка.

Со тој чин, кој треба да се направи и без да преговараме за членство во ЕУ, ќе докажеме две многу важни нешта. Првото е дека во нашиот модел на меѓуетнички односи и заштита на малцинските права тие што се изјаснуваат за Бугари не се дискриминирани.

И второ, кога ќе кажете во Уставот дека Македонија е држава на македонскиот народ и на дел од народите што живеат во неа (меѓу кои се и Бугарите) станува јасно дека тоа се два различни народа, две нации со различни јазици култура и историја.

Токму ова не го сакаат најголемите националисти во Бугарија кои го немаат отсонувано сонот за “еден народ во две држави”.

ВМРО-ДПМНЕ веќе имаше изјавено дека внесувањето на Бугарите во Уставот заедно со Хрватите и Црногорците е прифатливо, и дека со тоа  нема да се случи некоја суштествена промена во политичкиот живот во Македонија.

Но, откако Румен Радев тоа го направи како услов за кревање на ветото, кај нас почна тоа да се смета не за демократски чин туку за “голема отстапка” кон Бугарија.

Дури тогаш почна да се говори дека ако тоа на Бугарите им е толку важно, тогаш треба и тие да ги признаат Македонците во Бугарија, па требало да ги стават во нивниот Устав и, на крајот, ако ја направиме таа “голема отстапка”, тогаш тоа треба да се случи дури по завршувањето на преговорите за членство во ЕУ и непосредно пред влегувањето, а не пред започнувањето на преговорите.

ВМРО-ДПМНЕ сега се заканува дека ако почнат преговорите тие нема никогаш да завршат, затоа што нема да се создадело мнозинство за промена на Уставот. Со други зборови, тие со негласање ќе ги блокирале разговорите.

Таа логика не може да им опстои, а таа политика ќе им се покаже целосно штетна.

Ако гласаат против внесувањето на Бугарите во Уставот, ќе гласаат против нормални демократски промени, ќе гласаат за дискриминација на Бугарите во Македонија и против нудењето доказ дека Бугарите и Македонците се припадници на различни народи.

Тоа е спротивно на сите програмски определби на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски бргу ќе пресметаат дека со оваа симболична промена на Уставот, која Радев ја издигна на ниво на “голема победа за Бугарија”, не само што ништо не губат, туку пред своите партнери од ЕПИ ќе покажат дека се демократска партија.

Ќе си обезбедат коалициски партнер од албанските партии и ќе добијат меѓународна подршка за формирање влада по изборите во 2024 година, ако освојат најголем број пратеници.

Секое противење на таква симболична промена на Уставот ќе биде само на нивна штета и тие ќе знаат тоа да го пресметаат.
 

Поврзани новости