Дарко Каевски е единствениот триесетгодишник во Македонија, кој не е иноватор или ИТ-инжeнер, а што има 4.070.000 денари депозит во банка, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ, реплицирајќи на обвинувањата на СДСМ, за аферата со парцели во Долно Соње.
Каевски вчера објави 28 имотни листа за кои вели дека се за парцели на име на еден човек близок до актуелниот градоначалник и кандидат на опозицијата за уште еден мандат во Сопиште, Стефче Трпковски.
„Како Дарко Каевски со само триесетина години се стекнал со чисти 65 илјади евра? Ако се земе предвид дека Каевски зема плата од околу 1 000 евра, ќе дојдеме до заклучок дека му биле потребни 5 и пол години без да троши ниту еден денар за да ги заштеди тие пари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.
Понатаму, наведуваат што поседува Каевски кој е пратеник, а претходно беше директор на Агенцијата за млади и спорт – стан во Скопје, купен во 2020 година, од 62м2.
„За тоа не навел колку пари чини. Ако се земе предвид дека квадрат станбен простор е над 1000 евра, се доаѓа до бројка од над 60-тина илјади евра, пари за кои нема логичен одговор како ги стекнал младиот Каевски. Ова води до објаснувањето дека Каевски требало да работи 10 години за плата од 1 000 евра, без да троши денар од неа на јадење, домување или друг вид на трошок. Каевски има само 30-тина години, а друг вид на примање од кое би го стекнал овој голем имот не пријавил во својот анкетен лист“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Исто така го наведуваат и имотот на неговите родители, работењето на фирмата на неговиот татко и бараат институциите да го испитаат случајот.
Го обвинуваат Каевски дека шири лаги и невистини за кандидатот за градоначалник на Сопиште од ВМРО-ДПМНЕ Стефче Трпковски, дека по наредба на директорката на УЈП Сања Лукаревска беше испратен и Арафат Муареми, и за притисоци со лаги и манипулации во медиумите.