ЈП Паркинзи било претворено во своевиден штаб на Демократскиот Сојуз, со тоа што службени возила, телефони и простории биле на дофат на партијата, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ.
-Сето тоа наведува на сомнителни криминогени зделки. Директори, министри, функционери, разни раководни кадри со години паркирале бесплатно низ Скопје, користеле повластена позиција, на сметка на граѓаните, а тоа им го овозможувале директорите на паркинзи од Демократскиот Сојуз. Обезбедувале повластувања за функционери на власта, бесплатен паркинг за нив. Секој во Скопје мора да плати паркинг, освен функционери на СДСМ, на ДУИ, на Демократскиот Сојуз, на членови на власта, ставени на посебни списоци со потпис на директорите од Демократски Сојуз. Јавно прашувам, дали на име на Борче Јакимовски доскорешен директор на претпријатието и член на претседателството на Демократскиот Сојуз на Павле Трајанов, од плаќање паркинг ослободувал автомобили на функционери на СДСМ, од ДУИ, како и од Демократскиот Сојуз?, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој рече дека им даваат 24 часа рок на Демократскиот сојуз да одговорат или ќе ги објават списоците. Од Демократски сојуз одговорија со демант.
-Повеќе од еден месец, Демократскиот сојуз и други партии од владејачката коалиција се предмет на неосновани напади од Христијан Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ. Демократскиот сојуз ги демантира и со индигнација ги отфрла сите напади, дека на било кој начин, било кој од Демократскиот сојуз, кој извршува функција, е вклучен во криминал. Овие напади од ВМРО-ДПМНЕ ги сметаме како обид за уцена да не бидеме и натаму дел од парламентарното мнозинство. Досега никој не добил гратис карта за паркирање, ниту пак за бесплатно паркирање. Списоци нема, тие се конструкции и фалсификати на актуелниот директор, за што ќе следи кривична тужба. Претпријатието работи согласно законите и одлуките на градоначалникот и Советот на Град Скопје, велат од ДС.