Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата во Собранието и нема да учествува во верификацијата на мандатите на пратениците, соопшти пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
-Очигледно забелешките процедурално од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не допреа до вас и констатацијата дека и порано се правело вака не дозволува понатамошно кршење на Деловникот. Од тие причини јасно ви укажавме и покажавме согласно Деловник дека Верификационата комисија престанала да постои после првата конститутивна седница, вашите недокажани објаснувања не ви даваат за право да веруваме дека ќе ги почитувате забелешките и она што деловнички е предвидено согласно Деловникот за работа на Собранието и од таа причина пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во понатамошниот тек на и на оваа седницата и на седниците за верификација на мандати нема да учествува, рече Мицевски и пратениците ја напуштија собраниската сала.
Аргументите на власта беа дека ова била досегашна пракса на сите претходни собраниски состави. Досега е верификуван мандатот само на пратеничката Драгица Ѓавочанова која дојде на местото на мандатарот Зоран Заев откако тој си поднесе оставка од пратеничкото место.
Собранието ја констатираше и оставката на пратеникот Љупчо Николовски, кој ќе треба да извршува министерска функција. Се очекува Собранието да ја информира Државната изборна комисија која пак потоа ќе го информира Парламентот кој е следен на листата што го прифаќа пратеничкиот мандат.
Оваа постапка ќе биде применета за сите пратеници кои ќе бидат дел од идната влада.