ВМРО-ДПМНЕ: Извештајот на ЕК покажува систематска негрижа на владата за реформи

by fokus

Главен заклучок извештајот на Европската комисија, кој се однесува на работењето на властите, е дека кај Владата во Македонија нема сериозна и суштинска посветеност на реформи. Постои недостаток на одлучни чекори за да се изгради моментум и да се продолжи процесот на преговори со ЕУ. Владата прибегнува кон ад хок иницијативи, кои ги заменуваат системските реформски пристапи, изјави Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

-Огромен проблем за владата е што Европската комисија ја наведува оценката дека нема никаков напредок во спроведување токму на препораките од Европската комисија во извештајот од изминатата година. Тоа се однесува особено на препораките за реформа на јавната администрација, градење на конкуренција на пазарот, слободно движење на стоки и работници, како и правото на интелектуална сопственост.

Ова значи дека Владата воопшто не ги земала предвид препораките на Европската комисија.

Што се однесува до Собранието како главна институција за развивање на демократијата, извештајот го пронаоѓа она што ние како опозиција подолго го нарекуваме самоволие на спикерот Џафери.

Прво, забележано е криењето на власта од опозицијата и граѓаните.

Извештајот го забележува повеќемесечното незакажување на седници за пратенички прашања во Собранието – што се рашири од пред локалните избори во 2021 година, па се до април 2022 година.

А, дури и за Европската Унија е евидентно она што само Ковачевски не сака да го види – дека тој се плаши од дебата во Собранието, бега од истата, навредува, клевети и омаловажува.

Најголемата болка на оваа Влада во Собранието, е исто така забележана од Европскиот Извештај. Законите со лажно европско знаменце со кои сомнителни законски решенија се обидуваат да се протуркаат низ Собранието, а истите продолжуваат да бидат проблем и за Европската Унија, рече Андоновски.

Поврзани новости