Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција неодамна одлучи дека обвинителите од СЈО не треба кривично да одговараат за бонусите кои ги земале во СЈО, бидејќи не го прекршиле законот, односно нивната шефица Катица Јанева, која е потписникот. Сепак, ваквата одлука не и се допаднала на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, па како што веќе објави неделникот „Фокус“, поднеле жалба до Вишото обвинителство во Скопје.
Но она што не е јасно, е од каде политичката партија се најде за повикана или мотивирана да поднесе жалба, кога таа не е оштетена странка во предметот, па со тоа и немаат право на жалба.
Ова јасно е предвидено во член 288, став 2, од ЗКП, каде што стои:
„Решението за отфрлање на кривичната пријава му се доставува на оштетениот со поука дека може во рок од 8 дена да поднесе жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител“.
Како што дознаваме, партијата во овој случај се јавува како пријавител, односно подносители на кривичната пријава, но немаат својство на оштетени. Во вакви случаи, пријавителите само се известуваат за одлуката на обвинителството. Во случај пак кога пријавителите, без да бидат и оштетени, поднесувале жалби, според досегашната пракса на вишите обвинителства во старт биле отфрлани и воопшто не биле разгледувани.
„Фокус“ побара одговор од ВМРО-ДПМНЕ, во кое својство ја поднеле жалбата до Обвинителството, но оттаму не добивме одговор. Сепак мотивите стануваат појасни доколку се погледне владината програма, во која владејачката партија им се закани на обвинителите од СЈО, дека ќе им направат ревизија на работата.
„Ќе биде поведена постапка за ревизија и испитување на законитоста на целокупното работење на Специјалното јавно обвинителство, при што посебно внимание ќе се посвети на загрозување на човековите права направени во постапките на СЈО, прекршување на процесните закони при постапувањето на СЈО, расчистување на утврдените злоупотреби на исплатата на финансиските средства кон обвинителите, истражителите и советниците и нивно враќање во буџетот, како и испитување на непотизмот, партизацијата и кронизмот при вработувањата во СЈО“.
Од Обвинителството за „Фокус“ појаснија зошто пријавата за „бонусите“ била отфрлена од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Од таму образложуваат дека постапувајќи во предметот прибавиле обемна документација и ги декласифицирало ревизорските извештаи и правилниците што беа донесени од страна на тогашната јавна обвинителка Катица Јанева.
„Во предметот беше извршено и детално економско-финансиско вештачење, а од вештиот наод и од целокупните материјални докази произлезе дека тогашното Специјално јавно обвинителство, за целокупното работење, вклучително и за финансиските активности, изготвувало извештаи, што согласно законот биле разгледувани од Советот на јавните обвинители и од Собранието. Не се констатирани отстапувања меѓу обезбедените парични средства предвидени во финансиските планови што биле одобрени со Буџетот на ова обвинителство и реализираните парични средства во тековното работење во анализираниот период“, одговорија од Обвинителството.
Воедно, додаваат и дека не било сторено кривично дело.
„Од севкупната постапка произлезе дека дејствијата преземени од јавниот обвинител на ова обвинителство во врска со носењето правилници за додатоци на платите и одлуките за почитување на принципот на тајност во врска со материјалите од незаконското следење на комуникациите, како и исплатата на додатоци на плати и надоместоци по основ на наведените акти, не претставуваат дејствие на извршување на пријавените кривични дела, ниту на други кривични дела што се гонат по службена должност. Согласно сите утврдени факти, донесено е решение за отфрлање на кривичната пријава“, велат од таму.
За исплатата на бонусите во СЈО уште во 2019 година, Обвинителството за организиран криминал и корупција на чело со тогашната шефица Вилма Русковска отвори предистрага. Според ревизорскиот извештај, кој беше нарачан од Русковска, првичните информации беа дека се спорни 4,6 милиони евра.
Државниот завод за ревизија за платите немаше никаква забелешка, но забележале дека законските додатоци за доверливост, ризик и посебни услови за работа, наместо 35 проценти од плата, биле унифицирани за сите обвинители и тие месечно за ризикот добивале по 70.000 денари плус на основната плата.
Обвинителите, пак, тогаш реагираа дека сите заборавиле со каков профил на обвинети работеа и дека главата им била ставена во „торба“.
Дека Катица Јанева имала право да дели средства надвор од месечната плата, потврдува и Законот за СЈО. Во член 14, став 3, пишува:
„Јавниот обвинител и јавните обвинители во Јавното обвинителство имаат право на додаток за посебните услови за работа, додаток за постоење висок ризик и додаток за доверливост“.
Со овој член, законодавецот буквално ѝ ги одврзал рацете на Јанева, односно не ја ограничил во кој износ да се движат дополнителните додатоци.
Валентина Вурмо