ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН ги договорија општите начела за идната влада: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото

by Fokus

По средбата помеѓу претставници на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, Христијан Мицкоски објави дека биле договорени општите начела на соработка за идната влада и дека по формирањето работни групи, ќе продолжеле разговорите до нивно финализирање: „Договорени се општите начела на соработка за идната влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото“, напиша Мицкоски на неговата Фејсбук страница.

Денеска, на заедничка средба на партиите на „Европскиот фронт“, лидерот на ДУИ Али Ахмети прочита делови од декларација потпишана од повеќе партии, кои наводно се согласиле да ги поддржат уставните измени како услов за продолжување на процесот на интеграција на земјата во Европската Унија.

Откако беа споменати имињата и на челниците на ВЛЕН како потписници на декларацијата, реагираше Изет Меџити во изјава за „Стадион“: „Во неколку наврати ја одговорив и на Ахмети и на Груби и на Османи, доколку има такво писмо да го објават пред јавноста во рок од 24 часа, 48 часа, во спротивно даваат неточни информации, да не кажам сега ја лажат јавноста“.

Повеќе медиуми ги пренесоа и изјавите на шефот на изборниот штаб на коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ – Арбер Адеми: „Кажаа дека тие што имаат глас повеќе имаат право да преговараат за идната влада. Тие, исто така, кажаа дека ако добијат еден глас помалку би дале оставка и дека веќе ги верификувале тие оставки ако би изгубиле на избори… И самиот г. Таравари пред првиот круг на изборите во дебата со нашиот кандидат Бујар Османи рече дека имаме таков договор меѓу сите политички партии, треба да бидеме спокојни дека без уставни измени нема да има никаква влада, нема да учествува никој во таква влада.“

 

Поврзани новости