ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со препукувања за даноците

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ дека мерката која ја најавува новата влада за воведувањето на прогресивен данок ќе значи осиромашување на државата.

„Менувањето на даночната политика, воведување на таканаречениот прогресивен данок и напуштањето на таканаречениот рамен данок, сериозно ќе значи осиромашување на нашата држава, но и граѓаните. Токму од тие причини имаме право да чувствуваме загриженост, како ние така и граѓаните во Република Македонија.

Зголемувањето на даноците кое го планира СДС ќе удри директно по џебот на граѓаните и ќе значи уништување на стопанството и економијата. Со менување на даночната политика, односно со зголемувањео на даноците никој нема да добие ништо, а најмалку граѓаните и државата.

Од неофицијални информации дознаваме, а тоа и не загрижува дека министерот Тевдовски веќе најавил во Светската банка дека оваа антиреформа СДС има намера да ја имплементира“, изјави Христијан Мицкоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија, зголемувањето на даноците ќе значи намалување на заинтересираноста на странските и домашните инвеститори да инвестираат во државата.

„Со тоа ќе се намали можност и за отварање на нови работни места и во голема мера ќе значи напуштање на досегашните инвестиции односно загрижува фактот дека голем број Македоски работници кои што го остваруваат својот личен доход во производните капацитети во индустриските зони кои што се отворени ширум Република Македонија ќе останат без сопствената егзистенција“, обвини Мицкоски.

Реагираа и од владејачката СДСМ. Тие велат дека воведувањето на праведен даночен систем, во кој оние кои заработуваат повеќе ќе плаќаат повеќе од оние кои заработуваат помалку, ќе го намали јазот на економската нееднкавост и ќе изврши корекција на неправедната распределба на доходот и општественото богатство.

„Заврши времето на системско уништување на економијата од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Заврши времето кога мала група во раководството на ВМРО-ДПМНЕ енормно се богатеше, додека останатите граѓани преживуваа. Политиките на ВМРО-ДПМНЕ во економијата ќе останат запаметени по катастрофалните штети што оваа партија ги нанесе врз економијата и граѓаните. Криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ затвори над 10.000 домашни фирми, турна 500.000 граѓани под прагот на сиромаштијата, а 180.000 граѓани преживуваа само со 40 денари дневно“, се вели во реакцијата од СДСМ.

Поврзани новости