ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се препукуваат: Кој повеќе ги задолжил граѓаните?

by fokus

Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска денеска ја обвини власта предводена од СДСМ дека за само две години Владата ја задолжила државата со нови 1,6 милијарди евра, а со новото повисоко задолжување оваа година кое се планира со ребалансот на буџетот, новиот долг за само три години ќе биде 2,3 милијарди евра и ќе достигне историски врв од 7,9 милијарди евра.

Таа додава дека со вакво темпо, вкупното задолжување коешто го направи владата за период од 6 години, го надминало 10 годишното задолжување на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ – 3,2 милијарди евра за 6 години, наспроти 2,9 милијарди евра за 10 години.

-Но, зошто се задолжија? Во 2020-та година се задолжија за да и помогнат на државата во услови на здравствена и економска криза. Дали успеаја? Не. Најлоши сме во поглед на борбата со пандемијата во светски рамки и најлоши сме во остварувањето на економијата. И покрај високото задолжување не успеа да ја стабилизира економијата во 2020-та година при што доживеавме најдлабок пад по оној од осамостојувањето од 6,1%, пад којшто беше двојно повисок од интерниот конфликт во 2001 година и пад којшто беше најдлабок во регионални рамки. Во 2021 година имавме раст на економијата од само 4%, што е најслабо остварување во регионални рамки. Немавме ниту една капитална инвестиција, вели Димитриеска-Кочоска.

Од владејачката СДСМ одговорија дека ВМРО-ДПМНЕ нема кредибилитет да зборува за задолжување, бидејќи тоа е истата партија која 11 години ги задолжуваше граѓаните.

-Ги задолжуваше граѓаните да гради споменици, фасади од стиропор, што се распаѓаат, да ја изгради луксузната Бела палата, како центар за ширење лажни вести, за богатење на партиското раководство на сметка на осиромашување на граѓаните. За разлика од времето на режимот денес парите завршуваат кај граѓаните. „Немаме за леб, а трошиме за чоколадо“ е добро познатиот односот на ВМРО-ДПМНЕ кон парите на граѓаните, стои во реакцијата на СДСМ.

Поврзани новости