СДСМ се крие зад ДУИ кога се работи за промена на изборниот модел со една изборна единица, изјави денеска во Собранието Дајанчо Ефтимов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, додека од Левица сметаат оти СДСМ ги кочи измените на Изборниот законик иако уште во 2016 ветуваше една изборна единица.
Пратеничката Снежана Калеска – Ванчева од СДСМ пак потенцира дека партијата и натаму смета оти една изборна единица е подобро модел за нас како општество и за овој степен на развој на парламентарната демократија, но и за претставеноста, особено за помалите политички партии.
Според Ефтимов, ДУИ има јасна цел овој процес воопшто да не почне со што процедурата во Собранието би била блокирана.
– СДСМ знаејќи го тоа повикува на консензус од сите партии иако знае дека тоа е невозможно, рече Ефтимов.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, нагласи тој, даде безусловна поддршка за почнување на дебата во Собранието и затоа го повикува СДСМ јасно да каже дали ќе го исполни ветувањето дадено пред граѓаните или „ќе продолжи да се крие зад ДУИ“, која јасно кажа дека „нема да дозволат Македонија да биде една изборна единица“.
Од Левица денеска преку соопштение потсетија дека собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците ја утврди потребата од донесување на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кој се предвидува воспоставување на една изборна единица на целата територија на државата.
– Но, тоа ништо не значи, бидејќи албанските политички партии не се согласуваат со Предлогот на законот, а исто така и пратениците од СДСМ изјавија дека не се подготвени да го поддржат истиот, доколку не наиде на поддршка од коалицискиот партнер ДУИ, се наведува во соопштението од Левица.
Во интерес на зајакнување на демократските капацитети на државата, Левица ги повикува помалите политички партии, кои се дел од парламентарното мнозинство, да покажат дека не функционираат како полтронски партии и доколку овој Предлог на закон не се усвои, да го напуштат парламентарното мнозинство.
Според оваа партија, сегашниот систем де факто е нефункционален бипартиски систем, кој не го одразува вистинското политичко расположение кое владее меѓу народот.
Пратеничката Калеска-Ванчева потенцира дека СДСМ се уште смета оти една изборна единица е „подобро за нас како општество“ и за овој степен на развој на парламентарната демократија, но и за претставеноста, особено за помалите политички партии.
– Сакаме сега да се отвори ова прашање, за да има доволно време и да можат да се искристализираат некои работи, додаде Калеска-Ванчева.