Собранието попладнево по брза постапка и без дебата ги изгласа измените и дополнувањата на четири Закони, меѓу кои и Законот за помилување, со кои на претседателот на државата му се овозможува да ја повлече аболицијата за оние лица кои тоа ќе го побараат од него.
Со 63 гласови „за“ ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ изгласаа можност за селективно повлекување на аболициите.
На седницата не присуствуваат пратениците од СДСМ, бидејќи, како што рече Заев, не се согласуваат со предлог решението за повлекување на аболицијата, односно дека таа треба да биде целосна, а не по барање на помилуваните.
Со дополнувањата на Предлог-законот за помилување, претседателот на државата ќе може да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон, при што претседателот не е должен да ја образложи одлуката.
Лицето за кое е донесена одлука за помилување има право до Претседателот на Републиката да поднесе барање за поништување на одлуката за негово помилување, а претседателот е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето да ја поништи донесената одлука.
Инаку меѓународната заедница во неколку наврати порача дека аболицијата мора да се повлече целосно и сите под еднакво да одговараат пред законот.
Американскиот помошник заменик државен секретар Хојт Брајан Ји и денеска изјави дека целосно повлекување на аболицијата, а не делумно е единствен начин да се поправи штетата што е нанесена на кредбилитетот на Македонија и ќе овозможи излез од политичката криза.