Требаше да киднапираат пратеник само за да опстои владата, Зоран Заев е најлошото за Македонија. Власта не покажа дека има мнозинство, владата на Заев е единствена која немаше пратеници да ја бранат, се огласи денеска ВМРО-ДПМНЕ со соопштение откако вчера опозицијата не успеа да ја стави на тест на доверба Владата, и покрај делумната поддршка на досега владејачката Беса.
-Владата на губитникот Заев е делегитимирана. Губитникот Заев има само 59 пратеници плус еден киднапиран пратеник. Вчера мораше да киднапира пратеник, за да може да продолжи да краде. Цел ден се држеше во заложништво пратеник, кој на крај не се појави во Собранието, туку беше пуштен преку видео после сите стравувања за неговата безбедност, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, кој вчера со своето отсуство ја осуети седницата за недоверба на Владата, и претпладнево е недостапен на мобилните телефони, откако синоќа се огласи преку видеопорака на Фејсбук порачувајќи дека е на сигурно, „на вистинската страна, на страната на албанскиот народ и на страната на сите граѓани во Северна Македонија кои сакаат мир, стабилност и демократија“.
Во меѓувреме, лидерот на Беса, Билал Касами, го пријави Реџепи во полиција како исчезнат. Реџепи, пак, во видеообраќањето му порача на Касами да не се грижи за него.