Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ ќе го поддржи дополнетиот Предлог-закон за финансиска стабилност, по кој и на денешното продолжение на 71.пленарна седница дискутираат пратениците.
Сепак, најавија дека продолжуваат со активната блокада на Собранието и бараат брзи предвремени парламентарни избори за излез, како што нагласија, од економската и финансиска криза невидена од осамостојувањето на државата досега.
Пратениците од ВМРО – ДПМНЕ, Јован Јаулески, Марија Петрушевска, Дафина Стојановска, Благица Ласовска, Даниела Ристова и другите од оваа пратеничка група, кои дискутираа за финансиската стабилност, оценија дека парламентарното мнозинство и Владата, е синоним за финансиска нестабилност и не очекуваат да донесат никаква стабилност, особено не финансиска.
Обвинија за криза во економијата, здравството, енергетиката, дополнителната топлинска криза, кризата во правосудството, во образованието, во земјоделствто, а рекоа и дека нема проекти за граѓаните и за стопанството, за мали и средни бизниси, за намалување на вработеноста, за младите.