ВМРО-ДПМНЕ: Го охрабруваме Алаѓозовски да направи ревизија во Министерството за култура, ние работевме строго по закон

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ го охрабрува министерот за култура Роберт Алаѓозовски да направи ревизија и нагласува дека за време на нивниот мандат во Министерството за култура се работело строго по закон.

Реакцијата од страна на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа по прес-конференцијата на министерот Алаѓозовски, кој изјави дека Министерството за култура се наоѓа во многу тешка финансиска положба и побара вонредна ревизија за регуларноста на работењето на Министерството.

„Го охрабруваме да направи не една, туку десет ревизии затоа што во време на мандатот на ВМРО-ДПМНЕ во Минстерството за култура се работеше строго по закон, а средствата се трошеа за зголемување на платите на вработените во културата, за изградба на театри, музеи, промоција на македонското национално творештво и творештвото на заедниците кои живеат во нашата земја, заштита на културно наследство и уште над 500 други проекти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската партија укажува дека скоро два месеци Алаѓозовски е функционер, а јавноста, како што се наведува, не памети ниту едно негово конкретно и реално дело со суштинска вредност и корист.

„За сите постапки кои ги презема тој и неговиот тим, за сите прекршувања на законите кои ги прават, набрзо ќе се соочат со политичката одговорност, за потоа да се соочат и со правната одговорност“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости