ВМРО-ДПМНЕ ги „зема“ Здравство и Социјала и, (најверојатно) Правда, ВЛЕН добива еден ресор повеќе, ЗНАМ има понуда за Земјоделство?!

by jadranka 12:02
12:02

Ќе има ротација на ресори во Владата меѓу коалициските партнери, а нови имиња се очекува да има барем во седум или осум министерства. Ова е епилогот од синоќешните разговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН на тема реконструкција на Владата која, според најавите, треба да биде готова до почетокот на идниот месец.

Извори од владејачката коалиција, добро упатени во преговорите за „Фокус“ велат дека постои начелен договор меѓу двете страни по кој ВЛЕН треба да ги даде Здравство и Социјални работи и демографија, а за сметка за тоа да ги добие од ВМРО-ДПМНЕ – Култура , Политички систем и односи меѓу заедниците и Спорт. Што значи еден ресор повеќе за албанскиот партнер во власта. Доколку ова се потврди во финалниот договор за реконструкцијата – тоа значи дека од Владата дефинитивно си одат Зоран Љутков, Борко Ристовски, Иван Стоиљковиќ, како и Фатмир Лимани, за кого од поодамна се знаеше дека ќе биде „избришан“ од министерската листа. Истите извори за „Фокус“ дополнуваат и дека многу е извесно да биде реконструиран и Игор Филков во Правда, а ресорот да го земе ВМРО-ДПМНЕ, а во замена за тоа на ЗНАМ да му биде понудено земјоделство. Ако ова се оствари тогаш од министерската позиција си оди и Цветан Трипуновски, покрај веќе споменатите. Од порано од вицепремиерската позиција за добро владеење оставка си поднесе Арбен Фетаи.

Доколку овие информации се потврдат – тогаш владината реконструкција оди во два правци – прво дека ќе биде потемелна бидејќи се променат и повеќе од една третина од актуелниот министерски состав, што значи дека во Парламент за предлогот ќе се гласа како за избор на нова влада. И, второ, ВМРО-ДПМНЕ дополнително ќе ги зајакне позициите во извршната власт – затоа што ќе земе, условно речено, три под „потешки“ министерства – Здравство, Социјала и, веројатно Правда, а ќе даде четири “полесни“ – Култура, Спорт, Земјоделство и Односи меѓу заедниците. Што, може да е протолкува и како откажување од можни предвремени избори идната година  и обид, да се постигнат што попозитивни резултати до крајот на актуелниот четиригодишен мандат.

Сепак, за да се потврдат сите овие неофицијани информации, потребна е согласност и од третиот партнер во власта – ЗНАМ. За денеска доцна попладне во 18 часот, како што дознава „Фокус“ во седиштето на ЗНАМ е предвидена средба на партиските раководства на ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ, предводени од лидерите Христијан Мицкоски и Максим Димитриевски, а на таквиот состанок се очекува да присустваат и министрите Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски од страната на ВМРО-ДПМНЕ, како и Горан Минчев, Весна Бендевска и Павле Арсовски како репрезенти на ЗНАМ.

Доколку се постигне финален договор меѓу партнерите во власта – истиот треба да биде потврден и од партиските органи на сите коалициски партнери, најверојатно викендов. По што на почетокот на идната недела формалниот предлог – заедно со новите имиња за министри ќе биде доставен до Собранието.

З.Ф.

Слични вести