ВМРО-ДПМНЕ: Ги паметиме деновите кога Груби беше дел од ентериерот во нашето партиско седиште

by Fokus

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ му одговори на првиот вицепремиер и член на претседателството на ДУИ, Артан Груби, кој денеска рече дека коалицијата на опозициската партија од македонскиот блок со Алијанса за Албанците и Алтернатива е несвојствена.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ја разбираат паниката и на СДСМ и ДУИ од окрупнувањето на опозицијата во пресрет на изборите, но и го потсетува Груби на заедничкото владеење, од кога датира и проектот „Скопје 2014, кој првиот вицепремиер денеска го спомена во изјавата.

-Кога господинот Груби зборува за некои минати времиња, вредно е да го спомнеме следното: Ги паметиме со насмевка деновите кога Артан Груби секојдневно беше дел од ентериерот во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а при таквите посети не можеше да го скрие неговото воодушевување. Воедно Артан Груби важи и за еден од првите најбрзи пратениците кога на времето го притискаше копчето за гласање на владите на ВМРО-ДПМНЕ. Најдобар портпарол во моментов на СДСМ е Артан Груби. Господинот Груби е познат по неговите чести трансформации, при што веруваме дека за многу брзо време јавно ќе се кае за овие негови инсинуации, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквата реакција на опозициската партија следува откако Груби во коментарот рече дека едвај го чека денот да види како поддржувачите на Алијанса за Албанците ќе гласаат за Никола Груевски и за Христијан Мицкоски, а како сите патриоти од ВМРО-ДПМНЕ и поддржувачи на „Скопје 2014“ ќе гласаат за Зијадин Села.

 

Поврзани новости