Зоран Заев и СДСМ за само десетина дена се фатени како крадат 45 милиони евра, пари на граѓаните. Цели 35 милиони евра од здравство и уште 10,5 милиони од фондот за иновации завршуваат кај партиски донатори, функционери или млади момчиња кои треба да ги сокријат вистинските моќници, велат од опозицијата ВМРО-ДПМНЕ.
„Компании на вицепремиерот и други функционери од власта добиваат грантови од стотици илјади евра, додека Заев ги распродава националните интереси. Десетици милиони евра се делат на фирма формирана пред четири месеци, која како прва зделка добива тригодишен монопол на лабораториските испитувања. Министерот Филипче се колне дека не знаел каде ќе плаќа 35 милиони евра, додека Заев смислува манипулации за да добие поддршка за неговото прифаќање на грчките црвени линии“, соопштуваат од таму.
Од партијата велат дека правдата и сигурноста мора да се вратат во Македонија.
„Сите оние кои сега ги кршат законите и Уставот ќе одговараат затоа што тоа е единствената и исправна работа која мора да се направи. Законите мора да важат подеднакво за сите. Одговорност мора и ќе има, кога правдата ќе се врати. Македонија ќе победи“, соопштија од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.