Со кревање на рака, пратениците на СДСМ и ДУИ успејаа да ги спасат Зоран Заев и врхушката околу него и им овозможија да ја злоупотребуваат власта и понатаму, пишува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Пратениците на СДСМ и ДУИ не ги интересираат маките на граѓаните и секојдневното осиромашување. Тие не го послушаа гласот на граѓаните и се ставија во функција на Заев и неспособната влада овозможувајќи им и натаму коруптивно богатење. Економското цунами во Република Македонија продолжува“, стои во соопштението.
Од партијата обвинуваат дека Македонија тоне во долгови, а СДСМ тоа го крие од граѓаните. Како што наведуваат, државниот долг е 40.7%, а не 38.7%.
„За 200 милиони евра граѓаните во Република Македонија се позадолжени во 2017 година споредено од тоа што биле во 2016 година. Уште еден поразителен факт пристигна од Светската Банка. Наместо предвидениот раст на македонската економија за 2018 година од 3,2% тој сега е намален на 2.3% или 100 милиони евра помалку пари за граѓаните на Република Македонија споредбено со 2017 година“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата смета дека очекуваниот раст од 2017 до 2020 е катастрофален, односно ќе изнесува 2% наместо 5%.
Опстојувањето на оваа влада предводена од СДСМ и Зоран Заев не е резултат на реалното расположение на граѓаните туку е резултат на бројка во парламентот и непринципелни коалиции. Оваа катастрофална економска политика на владата предводена од СДСМ мора да престане. Граѓаните стануваат посиромашни, стандардот станува се покатастрофален, а ветениот живот никако да стигне. Оваа влада мора да си замине и конечно да дојде нова надеж за Република Македонија“, велат од таму.