Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници. Како критериум за членството во Академија на науките не може да биде етничка или политичка припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството. Науката не е нешто кое треба и може да се политизира и етнизира.
Ова е ставот на ВМРО-ДПМНЕ по најавата на нивниот коалициски партнер „Вреди“ откако соопшти дека почнале постапка за формирање на Академијата на Албанците за наука и уметност во Македонија.
-Не радува фактот што албанските партии во власта бараат свое место за Албанците во науката, тоа го поздравуваме и покажува разлика од тоа што го правеше ДУИ кои бараа места само во тендерски зделки и при тоа станаа зелена партија. Науката бара посветеност, напорна работа и високи академски стандарди, кои се основа за постигнување на извонредност и иновации. Само преку строгите критериуми и мерила можеме да осигуриме дека најдобрите и најквалификуваните ќе ги водат нашите научни институции и ќе придонесуваат за нашето општество. Затоа, мораме да ги задржиме високите стандарди и да се осигуриме дека нашата Академија на науки останува репрезентативна и престижна, базирана на заслуги и академски достигнувања. Ќе ги адресираме сите проблеми и предизвици во интерес на заедничката држава и заедничкиот патриотизам, но никако на штета на заедничките институции туку во нив, се вели во ставот испратен од партијата.
Реакција за најавата за формирање на Академијата на Албанците за наука и уметност во Македонија испрати и ДУИ.
-Во обид да покаже некакви резултати и да го запре слободниот пад кој ја понижува нацијата, „Влен“ ја „основа“ „АКАДЕМИЈАТА“ на науките и уметностите која ќе ја финансираат, замислете, општините, единствен случај во светот, академско маало. Така се случи со Музејот на слободата, Детскиот театар и десетици други општински импровизации кои служеа за општинска манипулација. Наместо да го преземат претседавањето со Државната академија за наука и Уметност, да создадат простор за повеќе академици, да гласаат за законот што го предложивме додека го блокираа со ВМРО за правична и соодветна застапеност во МАНУ, тие дојдоа до „големата општинска идеја“ што уште повеќе ги понижува Албанците, се вели во реакцијата на ДУИ.
Од „Вреди“ вчера соопштија дека академијата ќе биде институција целосно посветена на науката и уметноста и ќе служи како важен центар за научни истражувања, унапредување на уметноста и за зачувување на албанското културно наследство.