Здравствените лица и пациентите се уништуваа додека СДС и ДУИ се грижеа за профит и местење тендери во здравството. Контролите направени од надлежните институции, меѓу кои и Фондот за здравство покажуваат низа на неправилности во работата на јавните здравствени институции, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Контролите покажуваат дека при набавка на лекови кои не се на листа на лекови на ФЗО, а за кои треба согласност од министерот здравство, јавните здравствени установи не ја имале согласноста од Министерството за здравство. Тоа било случај во Здравствен дом, Гостивар; Здравствен дом, Струга; следните клиники во Скопје, Клиниката за државна кардиохирургија, Клиниката за нефрологија, Клиниката за психијатрија, како и Клиничката болница, Тетово; Општата болница, Струга; Општата болница, Струмица и Општата болница со проширена дејност, Дебар.
Контролите покажуваат злоупотреби и во делот на дежурства. Истите покажуваат случаи во јавни здравствени установи каде се пресметува и исплаќа додаток за дежурство неосновано. Вакви неправилности имало на Клиниката за максилофацијална хирургија во Скопје, Клиниката за државна кардиохирургија во Скопје, Клиниката за нефрологија во Скопје, Клиниката за психијатрија во Скопје, како и во Општата болница во Струмица“ се наведува во соопштението.
Од владејачката партија обвинија за расипничко однесување во здравството од страна на поранешната власт и порачаа дека ќе има одговорност за секое незаконско работење.