Двете најголеми партии ги засилуваат своите предизборни активности и секој ден до медиумите пуштаат по неколку соопштенија од нивните средби со граѓаните. Регуларните избори треба да се случат за една година од сега, а предвремени беа категорично отфрлени од власта.
Изгледа дека ниту владејачката партија ниту опозициската не губат време во екипирање на гласачкото тело.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски денеска се пофали дека на средба со општинските комитети во Петровец и Чучер Сандево поделил членски членски книшки на ажурирани и нови членови.
-Македонскиот народ со нетрпение ги очекува наредните избори да излезе во најголем број досега и да ја казни оваа власт и да ја прати во заборав. Овие избори, ВМРО -ДПМНЕ ќе ја има најголемата победа во историјата на Македонија. Сите заедно кон нови победи, да живее Македонија – објави Мисајловски.
Теренските активности на СДСМ под мотото „Рамо до рамо до победа“ денеска продолжија во Аеродром, Гостивар, Тетово, Брвеница и Јегуновце. Од таму ги убедуваат гласачите дека СДСМ реализира градежна офанзива низ целата држава.
„СДСМ својот 32 роденден го одбележува рамо до рамо со граѓаните, каде тимови на партијата ги посетија граѓаните на неколку општини. Со изградба на Коридрите 8 и 10Д, започнува реализија на најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава. Економските политики на СДСМ обезбедија економска стабилност и сигурност, раст на пензиите и рекордно зголемување на пензиите од 8,4 отсто“, порачаа од СДСМ.