ВМРО-ДПМНЕ: Бракот е заедница помеѓу маж и жена, на Македонија не и треба експериментирање со истополови бракови

by fokus

„Бракот е заедница исклучиво помеѓу еден маж и една жена. Така било, така е и така треба да остане. На Македонија не и требаат експерименти со истополови бракови или посвојување на децата без родители од страна на двојки од исти пол“, рече Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција пред Собранието на РМ.

Според неа новата Влада предводена од СДС и ДУИ, без никаква дебата и без никакви аргументи, на јавноста вчера кукавички и го подметна предлогот за легализација на хомосексуалните бракови, кој може да биде вовед во идно овозможување на посвојување на деца без родители од хомосексуални двојки.

Ваквите законски измени, додаде, ги немаа во своите програми ниту СДСМ, ниту ДУИ и граѓаните не гласаа за нив.

„ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против индивидуалните слободи и изразување на сексуалната определба се додека тоа е согласно со закон, меѓутоа Македонија е традиционално општество каде се негуваат семејните вредности. Предлогот на пратеникот од владејачкото мнозинство сам по себе е спротивен на волјата и на ставот на огромното мнозинство граѓани за брак како заедница на еден маж и на една жена“, додаде Ласовска. Ова доаѓа по изјавата на пратеникот на ДУИ, Бранко Манојловски, кој побара да се легализираат истополовите бракови.

Ласовска нагласи дека традиционалниот брак како заедница на еден маж и една жена во Македонија го поддржуваат и Македонци и Албанци и Срби и Турци и Власи и Роми и Бошњаци и христијани и муслимани и сите останати верски и етнички заедници.

Поврзани новости