Македонија веќе не е правна држава. Јавното обвинителство има двојни стандарди. Едни за послушниците на Зоран Заев, а други за сите оние кои мислат поинаку, реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Одлуката за ослободување од обвинение на Павле Богоевски, кој со месеци дивееше низ Скопје оштетувајќи државен имот е срам за правдата и правната држава. Има ли поголем апсурд од тоа Богоевски и другите хулигани кои со недели руинираа државен имот да бидат амнестирани, а да се упатуваат закани и да се гонат оние кои работеле на спречување и покривање на штетите. Во Македонија има селективна правда. Богоевски се пушта без обвинение, а на Заев му се извинуваат судии затоа што бил повикан на рочиште и во недоглед се одлагаат судските расправи против него. Истовремено, десетици патриоти кои се сомничат во конструиран случај за тероризам се влечат по затвори без никаква основа – Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.