Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека постои сомнеж дека еден од рекетираните бизнисмени бил Адријан Азмоски, кој платил 260.000 евра на хуманитарната фондација на првоосомничениот Бојан Јовановски – Боки 13, а потоа специјалната јавна обвинителка Катица Јанева повлекла обвинение против него.
„Во март 2017 година е поднесен обвинителен акт од ОЈО против Адријан Амзоски и фирмата „ФИНЕ“ ДОО Скопје поврзана со изградбата на објектот „Космос“ каде што Адријан бил инвеститор. Само една недела по доаѓањето на власт на СДСМ во јуни, Боки 13 го отвора „Меѓународен сојуз“ и на самото отворање се редат сите инволвирани во случајот „Рекет“. Катица Јанева откако добива надлежност без никакво образложение, без ниту едно рочиште, го повлекува обвинителниот акт врз Адријан Амзоски. Сето ова докажува дека постои шема од Катица Јанева, Заев и останатите за да се вршат притисоци и да се рекетираат пари“, велат од ДПМНЕ.
Од таму сметаат дека потребни се предвремени парламентарни избори, за да, велат од таму, се стави крај на рекетот, митото и криминалите.